Ahmed Asmar
20 Септември 2024•Ажурирај: 20 Септември 2024
БЕЈРУТ (АА) - Во израелскиот воздушен напад врз јужното предградие на Бејрут загинаа најмалку девет лица, а десетици се повредени, соопшти либанското Министерство за здравство, јавува Анадолу.
Министерството додаде дека болниците досега примиле 59 повредени, од кои осум се во критична состојба.
Либанска национална новинска агенција соопшти дека во нападот погоден е стан во една од станбените згради во подрачјето на Џамус.
Екипи на брзата помош и цивилната одбрана пристигнаа на местото на нападот и пренесоа неколкумина од повредените во болница.
По воздушниот напад, висок израелски претставник за израелското армиско радио изјави дека целта бил Ибрахим Акил, висок воен командант на либанската група Хезболах.
Телевизијата не појасни дали обидот за атентат бил успешен.
Либанскиот премиер Наџиб Микати изјави дека нападот „повторно докажува дека израелскиот непријател нема обѕир за никакви човечки, правни или морални аспекти, и продолжува во нешто што изгледа на геноцид“.
Според дописникот на Анадолу од теренот, израелскиот напад сериозно оштетил згради во јужен Бејрут.
Хезболах досега не се огласи за воздушниот напад, кој дојде во време на ескалација на прекуграничните судири со Израел од почетокот на смртоносната војна на Тел Авив во Појасот Газа, каде што речиси 41.300 Палестинци, главно жени и деца, се убиени од 7 октомври минатата година.