Mohammad Sıo
30 Септември 2024•Ажурирај: 02 Октомври 2024
БЕЈРУТ (АА) - Либан е подготвен да ја спроведе резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, со која е предвидено распоредување на либанската армија јужно од реката Литани, изјави денес привремениот премиер Наџиб Микати, известува Анадолу.
„Го потврдуваме нашиот договор исе обврзуваме дека веднаш ќе спроведеме прекин на огнот со Израел“, рече Микати по состанокот со претседателот на Парламентот, Набих Бери, во Бејрут.
Тој додаде дека Либан е подготвен да прати своја армија во јужниот регион во координација со мировната мисија на ОН (УНИФИЛ).
Во резолуцијата, усвоена на 11 август 2006 година, се повикува на целосен прекин на непријателствата меѓу Либан и Израел и воспоставување демилитаризирана зона помеѓу Сината линија (границата меѓу Либан и Израел) и реката Литани, при што им се дозволува само на либанската армија и УНИФИЛ да поседуваат оружје и воена опрема во областа.
Неколку израелски медиуми објавија дека е можна копнена операција во Јужен Либан за време на масовни воздушни напади низ целата земја.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, во четвртокот изјави дека Тел Авив ќе прифати прекин на огнот во Либан само кога Хезболах ќе биде потиснат од границата северно од реката Литани и ќе биде разоружен.
Микати рече дека во разговорите со Бери биле опфатени неколку внатрешни прашања, вклучително и ситуацијата на раселените луѓе и потребата да им се обезбеди потребната поддршка.
Либанскиот премиер рече дека во вторник ќе се сретне со претставници од земјите донатори за да побара помош за Либан.
Либанските власти проценуваат дека околу 118.800 лица се засолниле во 780 засолништа низ Либан поради израелските напади последниве денови.
Микати рече дека Либан ќе ги прифати „сите донации“ од меѓународни извори, осигурувајќи дека тие ќе бидат транспарентно дистрибуирани преку ОН до оние на кои им се потребни.
Тој, исто така, ја истакна важноста од изборот на нов претседател за Либан преку консензус меѓу сите партии.
Микати истакна дека Бери го уверил дека ќе свика парламентарна седница за да се избере претседател со консензус штом ќе се постигне прекин на огнот со Израел.
Либан е без претседател речиси две години по завршувањето на мандатот на Мишел Аун во 2022 година. Поделениот Парламент досега не можеше да избере нов лидер.
Во Бејрут рано во четвртокот Макити имаше разговори со францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
„Решението се наоѓа во ставање крај на израелската агресија врз Либан и враќање на повикот за прекин на огнот што неодамна го упатија САД и Франција, поддржан од ЕУ и неколку арапски и странски земји“, рече тој.
Од 23 септември Израел започна масовни воздушни напади врз, како што ги нарекува, локации на Хезболах низ Либан, при што се убиени повеќе од 900 луѓе, а повредени се над 2.700, според либанското Министерство за здравство.
Неколку команданти на Хезболах се убиени во израелскиот напад, вклучително и неговиот лидер Хасан Насрала.
Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелската војна во Газа, во која се убиени речиси 41.600 луѓе, главно жени и деца, по прекуграничниот напад на Хамас минатиот 7 октомври.
Меѓународната заедница предупреди дека израелските напади во Либан би можеле да го ескалираат тековниот конфликт во Газа во поширока регионална војна.