Ekipa
19 Март 2018•Ажурирај: 20 Март 2018
АФРИН /АНКАРА (АА) - Омер Копаран -
Турските вооружени сили во рамките на операцијата „Маслинова гранка“, од терористите на ЈПГ/ПКК го ослободија сирискиот град Африн. За тортурата и малтретирањето на цивилите од страна на терористите за време на окупацијата, сведочи и локалниот лекар Мазен Хамо, јавува Anadolu Agency (AA).
Вчера Турските вооружени сили и Слободната сириска војска го ослободија и центарот на градот Африн, каде што во изминатите пет години, цивилите беа жртви на свирепи злосторства, извршени од терористите на ЈПГ/ПКК.
Лекарот-хирург Мазен Хамо, кој и самиот бил жртва на тортура од терористите на ЈПГ/ПКК, во разговор со новинарот на АА, го изрази своето задоволство што жив го дочекал поразот на терористите и ги потврди вистините за тоа кој е на страната на правдата, а кој е на страната на злото.
Истакнувајќи дека во почетокот на војната, во центарот на Африн пристигнал од Алепо, Хамо рече дека сакал со својата работа да им помага на ранетите и болните.
„Ги лечевме луѓето, не гледајќи ја бојата на нивната кожа, верска или етничка припадност. Тоа е наша човечка и професионална задача. Меѓутоа, терористите по окупацијата ме уапсија и затворија под обвинение дека сум соработувал со Слободната сириска војска“, рече Хамо.
Потсетувајќи се на затвореничките денови, Хамо рече дека бил претепуван и малтретиран на различни начини.
„Со струја ми ги гореа стопалата, ми го скршија носот, се здобив со преломи на коските на рацете и грбот. Ми ги зедоа сите пари што ги имав и ме исфрлија на улица“, рече Хамо.
Зборувајќи за вчерашното ослободување на центарот на градот Африн, Хамо рече дека терористите со страв бегале пред налетот на Турските вооружени сили и го фрлале оружјето и муницијата.
„Цивилите во градот се радуваат што заврши терористичкото насилство и злосторство“, рече лекарот Хамо, а истото за АА го изјави и жителот на Африн, Ахмет Џамал.
Џамал истакна дека цивилите се чувствуваат безбедно по доаѓањето на Турските воружени сили и Слободната сириска војска, додавајќи дека се надеваат на подобри услови за живот во блиска иднина.