Gözde Bayar
11 Ноември 2022•Ажурирај: 11 Ноември 2022
АНКАРА (АА) – Лажни твитер-профили ја преплавија платформата, и покрај тврдењата на новиот сопственик Елон Маск дека системот на плаќање ќе ги победи ботовите и троловите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако Маск ја укина политиката на платформата за верификација, „проверените“ лажни профили добиваат големо внимание, разочарување за компаниите и личностите што тие лажно ги претставуваат или имитираат.
Поплава од лажни профил-имитатори, вклучително и лажни профили на поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш и НБА-ѕвездата Леброн Џејмс, уследи по одлуката на Маск да ја понуди сината ознака на платформата за верификација на кој било корисник за месечна претплата од 7,99 долари, наместо само за проверени сметки кои се од јавен интерес.
Претплатата којашто тој вети дека ќе ја воведе, се спроведува за корисниците да можат да ги верификуваат профилите со посакуваната сина ознака.
Набргу откако Твитер во средата ја пушти услугата за претплата, профил со сина ознака, кој се претставува како поранешниот американски претседател Буш, на Твитер напиша: „Ми недостига убивањето Ирачани“, проследена со емотикон со тажно лице.
Профилот кој се претставува како поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, ја презеде објавата, додавајќи: „Исто, тбх [да бидам искрен].“
Тролови, исто така, се претставуваа како истакнати спортски личности, а еден од нив се претстави како напаѓачот на Лос Анџелес Лејкерс, Џејмс, објавувајќи дека побарал трансфер во друг тим.