Mohamed Sabry Emam Muhammed
01 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
АБУ ДАБИ (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров изјави дека стапи на сила тројниот механизам воспоставен од страна на Русија, Турција и Иран, за следење на прекинот на огнот во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Прекинот на огнот се одржува во голема мера“, изјави Лавров на руско-арапскиот Форум за соработка, кој денес се одржува во главниот град на Обединетите арапски емирати, Абу Даби.
Во Сирија, земјата разорена од војна, стапи на сила договорот за прекин на огнот, кој пред еден месец беше постигнат со посредство на Турција и Русија.
„Русија, Турција и Иран воспоставија механизам којшто дозволува да се следи спроведувањето на договорот“, објави руската новинска агенција ТАС цитирајќи го министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров.
„Во согласност со нашиот став, сите вооружени опозициски групи (во Сирија) беа поканети да учествуваат во политичките разговори и во разговорите за прекин на огнот“, изјави тој.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
На Форумот во Абу Даби, Лавров исто така изјави дека Русија ѝ помага на ирачката армија во тековната воена кампања против терористичката организација ДЕАШ.
„Ние помагаме во борбата така што го снабдуваме Иран со руско оружје и со воена опрема, и со јакнење на борбениот капацитет на ирачките вооружени сили“, вели тој.
Ирачката армија моментно спроведува голема офанзива за заземање на северниот дел од градот Мосул, кој терористичката организација ДЕАШ го зазеде во средината на 2014 година.
Руско-арапскиот Форум за соработка прво беше одржан во Москва, во 2013 година, со цел да се разговара за средствата за промовирање на соработката меѓу Русија и арапските земји.