Burç Eruygur
26 Април 2023•Ажурирај: 27 Април 2023
ЊУЈОРК (АА) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, вчера изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) го искористуваат украинското прашање и го одвлекуваат вниманието на земјите од проблемите на Блискиот Исток, пренесува Анадолу.
„Американците и Европејците го искористуваат украинското прашање, се обидуваат да ги уценуваат и да им се закануваат на земјите во развој, свртувајќи им го вниманието од проблемите на Блискиот Исток и во други региони на глобалниот југ, зборувајќи дека доколку ја победат Русија, сѐ ќе се среди“, рече Лавров на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за ситуацијата на Блискиот Исток.
Тој истакна и дека преку ова одвлекување на вниманието од кризите што земјите во развој веќе подолг период се обидуваат да ги решат, стануваат жртви на „лицемерие и колонијалниот инстинкт на Западот, кој е опседнат со своите себични интереси да им диктира свои барања на целиот свет“.
Во врска со тоа, Лавров го претстави Блискоисточниот квартет - меѓународна иницијатива за пронаоѓање решение за израелско-палестинскиот судир, кој го сочинуваат Русија, САД, ОН и ЕУ.
Тој ги повика ОН да посветат повеќе внимание за почитување на одлуките на Советот за безбедност, особено оние што се однесуваат на израелско-палестинското прашање.
„Исто така, би сакале генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, да биде поактивен во исполнувањето на своите должности на модератор на квартетот, без чекање дозвола“, рече Лавров.
Лавров ги повика и Израелците и Палестинците да ги запрат „сите еднострани акции што ја загрозуваат можноста за остварување на дводржавно решение“.
„Со длабоко жалење и загриженост констатираме дека палестинското прашање и понатаму е ‘надвор’ од позитивните измени“, додаде рускиот министер за надворешни работи.
Лавров рече дека Русија ги поздравува позитивните промени во регионот, особено се осврна на обновувањето на билатералните односи на Иран и Саудиска Арабија со посредство на Кина.
По седницата на Советот за безбедност на ОН, Лавров разговараше со колегите од Палестина и Обединетите Арапски Емирати.