Elena Teslova
28 Јануари 2022•Ажурирај: 30 Јануари 2022
МОСКВА (АА) - Во услови на зголемени тензии, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва не сака војна со Украина, но нема да дозволи нејзините интереси да бидат повредени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ако зависи од Руската Федерација, нема да има војна. Ние не сакаме војни, но нема да дозволиме нашите интереси да бидат грубо нападнати, нема да дозволиме нашите интереси да бидат игнорирани“, рече Лавров во интервју со четири руски радиостаници.
Тој соопшти дека дискусиите со САД продолжуваат и дека во рок од две недели ќе има нова руско-американска средба.
Зборувајќи за одговорот на САД на рускиот предлог за безбедносни гаранции, Лавров нагласи дека Вашингтон најмногу ги наведувал претходните предлози на Русија, вклучително и мораториум за распоредување ракети со среден и краток дострел во Европа, повлекување на воените вежби од меѓусебните граници и воспоставување воена телефонска линија.
Рускиот министер истакна дека одговорот на САД е „пример за дипломатија“, споредбено со „арогантниот и идеолошки пристрасен“ документ на НАТО, поради кој, според него, бил дури и засрамен.
На прашање за санкциите Лавров одговори дека нивното воведување ќе значи прекин на дипломатските односи.