Elena Teslova
24 Јуни 2021•Ажурирај: 27 Јуни 2021
МОСКВА
Северноатлантскиот сојуз (НАТО) одбива да има каков било контакт со Руската армија во екот на порастот на тензиите во Европа, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, јавува Агенција Анадолија (АА).
„НАТО воопшто не сака да комуницира преку Армијата”, изјави Лавров, зборувајќи на Конференцијата за меѓународна безбедност во Москва.
Лавров потсети дека Русија му предложила на НАТО да се согласи за одржување воени вежби далеку од меѓусебните граници и да не распоредува ракети со среден и краток дострел во Европа, но не доби никаков одговор.
„Конструктивните предлози на Русија за намалување на воените тензии по целата линија на контакт меѓу нашата земја и Северноатлантскиот сојуз се на маса речиси две години“, рече тој.
Лавров беше изненаден од, како што рече, „лицемерието на НАТО“ за повлекувањето на Русија од Договорот за отворено небо.
„ЕУ и НАТО ја повикаа Русија да не ’го уништува‘ договорот, иако САД беа тие што први објавија дека се повлекуваат од договорот, со што учеството на Русија во него е неадекватно“, рече министерот.
„Она што зачудува е реакцијата на овој апсолутно природен и одамна обележан чекор [повлекувањето на Русија од Договорот за отворено небо] од страна на НАТО и Европската Унија, кои ја повикаа Москва да не го уништува договорот, како да заборавиле на неотповикливата одлука на Вашингтон да се повлече од него што е основна причина за сегашната криза“, рече тој.
„Западот, кој изнесува тврдења за руската страна, молчи дека во текот на изминатите 10 години грубо ги игнорирал своите обврски од Договорот за отворено небо, затворајќи значителен дел од територијата на САД, Канада, Велика Британија и Франција за руските авиони“, рече тој.
Договорот за отворено небо стапи на сила на 1 јануари 2002 година. Тој беше изработен за да го подобри меѓусебното разбирање и транспарентноста во воената структура и да укаже на можноста за невооружени летови за надзор на воздухот над целата територија на нејзините учесници.
САД го започнаа процесот на повлекување од Договорот за отворено небо во ноември, во рамките на поранешната администрација на Доналд Трамп, предизвикувајќи симетричен одговор од Русија.
На 7 јуни, рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон, со кој се комплетира повлекувањето на Русија од договорот.