Ali Cura
23 Март 2022•Ажурирај: 24 Март 2022
МОСКВА (АА) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, истакна дека испраќањето мировници на НАТО во Украина ќе предизвика директен конфликт меѓу Русија и Вооружените сили на НАТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лавров во своето обраќање во Московскиот државен дипломатски институт (MGIMO) даде оценки за актуелните прашања.
Наведувајќи дека преговорите за прекин на огнот меѓу Русија и Украина напредуваат тешко, Лавров рече: „Затоа што украинската страна, и покрај тоа што се изјасни дека ги разбира работите што треба да се договорат во текот на преговорите, постојано ја менува својата позиција и ги одбива сопствените понуди.“
Лавров смета дека брзото завршување на преговорите меѓу Русија и Украина не е во интерес на САД, и дека САД сакаат Русија да биде во конфликт и да продолжи да испраќа оружје во Украина.
Истакна дека има провокативни изјави од Западот за префрлање воени авиони од советско производство од типот „Миг“ од Источна Европа во Украина, обрнувајќи внимание на опасноста оружјето „Стингер“ испратено во Украина, подоцна да се прошири во Европа.
Потенцирајќи дека не се против посредувањето на западните земји во преговарачкиот процес со Украина, Лавров додаде дека Москва има јасни црвени линии и дека на Русија ѝ се потребни силни договори со Украина кои подоцна никој не може да ги прекрши.
- Мировните сили на НАТО во Украина значат конфликт со Русија
Оценувајќи ја понудата на Полска за испраќање мировници на НАТО во Украина, Лавров рече: „Се надевам дека разбираат што значи ова. Ова е директен конфликт меѓу Вооружените сили на Русија и НАТО што секој сака да го избегне, и кој во принцип никогаш не треба да се случи.“
Додаде дека Полска сака да испрати мировници во Украина за да формира штаб во градот Лавов, и дека се зборува за тоа дека не само мировните трупи на НАТО, туку и воените единици на балтичките земји можат да испратат мали баталјони за одбрана на Украина.