Selen Temizer
07 Април 2022•Ажурирај: 08 Април 2022
БРИСЕЛ (АА) - Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, истакна дека ќе ги повика сојузниците од НАТО да ѝ достават повеќе оружје на неговата земја за војната да остане на украинска територија и да не се прошири во други земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кулеба и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, разговараа пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.
„Колку повеќе оружје ќе добиеме и колку тоа оружје побрзо ќе пристигне во Украина, толку повеќе животи ќе бидат спасени“, рече Кулеба, додавајќи дека правењето разлика меѓу испраќањето офанзивно оружје и одбранбено оружје е бесмислено во однос на ситуацијата на теренот.
Во врска со санкциите кон Русија, Кулеба рече: „Пред една недела предлозите за санкции беа многу послаби. Бевме многу незадоволни поради тоа.“
Нагласувајќи дека санкциите сѐ уште не се на нивото кое го посакува Украина, Кулеба рече: „Ние ќе продолжиме да инсистираме на целосно ембарго за нафта и гас кон Русија.“
На прашањето какво оружје сака неговата земја, украинскиот министер за надворешни работи рече дека сакаат „авиони, противбродски ракети, лесно и тешко оружје, оклопни возила, системи за воздушна одбрана“.
Кулеба додаде: „Постојат два начина да се пристапи кон прашањето за набавка на оружје. Првиот пристап е, ако не сакате да набавите ништо, го користите аргументот ‘не мораме да го правиме тоа бидејќи тоа ќе нѐ вовлече нас или НАТО целосно во војната‘. Вториот пристап е сосема поинаков: ‘Ние ќе ја снабдиме Украина со сето потребно оружје, така што ниту ние ниту НАТО нема да мора да се бори, бидејќи Украинците ќе го направат тоа наместо нас.‘ Мислам дека договорот што го претстави Украина е праведен. Ни давате оружје, ние ги жртвуваме нашите животи, а војната останува во Украина.“
– Прашањето за снабдување со оружје за Украина е на дневен ред –
Од друга страна, Столтенберг рече: „Уверен сум дека ќе одговориме на потребите на Украина за повеќе системи за противвоздушна одбрана, противтенковско оружје, лесно и тешко оружје и многу различни видови поддршка.“
Наведувајќи дека ги повикал сојузниците да обезбедат поголема поддршка од различни видови, вклучително и лесно и потешко оружје, Столтенберг рече: „На Украина ѝ треба оружје за да ја одбрани сопствената земја.“
Тој, исто така, додаде дека очекува ова да биде важно прашање на денешната средба.