Elena Teslova
19 Јануари 2022•Ажурирај: 20 Јануари 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека Москва ќе ги поздрави напорите само доколку турските партнери го охрабрат Киев да го спроведе Протоколот од Минск, јавува Агенција Анадолија (АА).
Коментирајќи го предлогот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да се организира средба меѓу рускиот и украинскиот лидер, Песков рече дека Русија ги поздравува напорите на секоја земја која има за цел да ја реши ситуацијата во Украина.
„Ги поздравуваме напорите на сите земји кои можат да помогнат во решавањето на ситуацијата во Украина. Главните несогласувања меѓу Русија и Украина се поврзани токму со застојот на спроведувањето на Договорите од Минск од страна на Киев. Доколку нашите турски партнери можат да влијаат врз Украинците и да ги охрабрат да ги исполнат нивните претходни договори и обврски, тоа ќе биде добредојдено“, изјави портпаролот за новинарите на дневниот брифинг во Москва.
Песков додаде дека местото на одржување контакти меѓу Русија и Украина е второстепено и дека главната работа е да се влијае на Украина.
Портпаролот ја нарече ситуацијата во Украина „многу напната“, тврдејќи дека ескалацијата се случува поради воената поддршка на Западот за Украина.
„Што се однесува до тензичната ситуација во Украина, таа е навистина многу, многу тензична. Гледаме испораки на оружје таму, гледаме различни маневри, гледаме летови на воената авијација на НАТО и западноевропските земји. Сето тоа води до ескалација околу Украина“, изјави тој.
Портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, вчера изјави дека Ердоган ги поканил рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Владимир Зеленски во Турција за да ги „решат разликите“ меѓу двете земји. Тој, исто така, рече дека Ердоган ќе оди во Украина во следните неколку недели на разговори со Зеленски.