Elena Teslova
09 Декември 2022•Ажурирај: 12 Декември 2022
МОСКВА (АА) - Разговорите меѓу Русија и Соединетите Американски Држави (САД) за размена на затвореници не беа чекор кон надминување на кризата во билатералните односи, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Овие разговори беа исклучиво за размена на затвореници, погрешно е да се извлечат такви хипотетички заклучоци дека ова може да биде чекор кон надминување на кризата што моментално ја имаме во билатералните односи. Не, билатералните односи и понатаму остануваат во таква тешка состојба”, изјави Песков за рускиот весник „Известија“.
При размената на затвореници, ѕвездата на американската Женска национална кошаркарска асоцијација (WNBA), Бритни Гринер, беше ослободена денеска во замена за озлогласениот руски трговец со оружје, Виктор Бут, кој беше затворен во САД.
На прашањето за Бут, Песков рече дека му посакува брза рехабилитација.
Бут беше уапсен во Тајланд во 2008 година под обвинение за илегална испорака на оружје, по што беше екстрадиран во САД и осуден на 25 години затвор.
Гринер беше уапсена во февруари на Аеродромот „Шереметјево“ во Москва под обвинение за нелегален увоз на масло од хашиш во Русија и беше осудена на 9 години затвор.