Elena Teslova
19 Февруари 2025•Ажурирај: 20 Февруари 2025
МОСКВА (АА) - Состанокот меѓу рускиот и американскиот претседател би можел да се одржи веќе следната недела, соопшти Кремљ денес, а тоа ќе биде прва таква средба на лидерите на двете нации по години, јавува Анадолу.
„Владимир Путин и Доналд Трамп би можеле да се состанат пред крајот на февруари“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на брифингот со новинарите во Москва.
Но тој не ја исклучи можноста за подоцнежен датум, нагласувајќи дека за организирање такви разговори на високо ниво се потребни време и опсежна подготовка од страна на руското Министерство за надворешни работи.
Песков зборуваше и за вчерашните руско-американски преговори во Саудиска Арабија, велејќи дека примарен фокус е обновувањето на билатералните односи.
„Главна задача сега е токму она што се случува во овој момент. Оваа тема првенствено е поврзана со заживување на односите, проследено со нивно целосно обновување“, забележа тој.
Односите меѓу Русија и САД беа заладени за време на претседателот Џо Бајден, особено по февруари 2022 година, кога започна војната во Украина.
За време на претходниот претседателски мандат од 2017 до 2021 година Трамп беше познат по неговите пријателски односи со Путин. Минатиот месец Трамп се врати во Белата куќа.
Песков истакна дека поправањето на односите меѓу Москва и Вашингтон ќе биде постепен процес, за кој е потребен постојан дипломатски напор.
„Невозможно е да се поправи сè за еден ден, па дури и за една недела. Патот пред нас е долг, а останува уште многу работа да се заврши. Сепак, клучен прв чекор беше направен вчера“, рече тој.
Песков додаде дека иако е прерано да се извлечат дефинитивни заклучоци од разговорите, првичниот напредок е охрабрувачки: „Импулсот е многу позитивен, а целокупниот став останува деловен.“
Преговорите меѓу Русија и САД во Саудиска Арабија беа организирани за решавање на прашањата за поправање на односите, решавање на конфликтот во Украина и подготовка на средба меѓу рускиот и американскиот претседател.