Burç Eruygur
13 Јануари 2025•Ажурирај: 14 Јануари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Кремљ денес соопшти дека најновите санкции наметнати од Соединетите Американски Држави (САД) за Русија ќе ги дестабилизираат меѓународните енергетски пазари, неколку дена откако Вашингтон објави нови мерки за дополнително намалување на приходите на Москва во услови на тековната војна во Украина, јавува Анадолу.
Американското Министерство за финансии во петокот соопшти дека вовеле санкции за енергетскиот сектор на Русија, насочени кон нафтените гиганти „Гаспром Нефт“ и „Сургутнефтегаз“, над 180 брода, трговци со нафта, даватели на услуги, осигурителни компании и службеници од енергетиката за да ги попречат воените напори на Москва во Украина.
Министерството за финансии, исто така, го ограничи обезбедувањето американски услуги за екстракција и производство на нафта во Русија.
„Се разбира, таквите одлуки не можат да не доведат до одредена дестабилизација на меѓународните енергетски пазари, пазарите на нафта“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, на брифингот со новинарите.
Истакнувајќи дека Москва внимателно ќе ги следи последиците од мерките и потоа ќе ја конфигурира работата на руските компании за да ги минимизира нивните последици, Песков рече дека маршрутите за извоз на руска енергија не може да бидат „отсечени“ со санкциите.
„Ако нешто е блокирано на едно место, алтернативни опции се појавуваат на друго. Затоа ќе се изврши потрага по такви опции за работа што ќе ги минимизираат последиците од санкциите“, рече Песков, дефинирајќи ги санкциите како „незаконски“.
Потоа тој рече дека САД ќе продолжат да се обидуваат да ги поткопаат позициите на нивните компании на неконкурентни начини, додавајќи дека Москва очекува да може да се спротивстави на тоа.