свет

Кремљ одби да ја коментира локацијата на иранскиот врховен лидер

Кувајтскиот весник „Ал-Џарида“ претходно објави дека Моџтаба Хамнеи бил ранет во уште еден американско-израелски напад и бил префрлен во Москва на лекување

Elena Teslova  | 16.03.2026 - Обновена : 17.03.2026
Кремљ одби да ја коментира локацијата на иранскиот врховен лидер

МОСКВА (АА) – Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес одби да ги коментира медиумските извештаи во кои се тврди дека новиот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, пристигнал во Москва на лекување, јавува Анадолу.

„Ние на ниту еден начин не ги коментираме објавите од овој тип“, изјави Песков на брифингот за новинарите во Москва.

Таткото на сегашниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен во американско-израелските напади врз Иран, кои започнаа од 28 февруари.

Соединетите Американски Држави (САД), како и Израел, ја изразија својата намера за целосно ликвидирање на иранското раководство, вклучувајќи го и Моџтаба Хамнеи, кој е избран за нов врховен лидер.

Претходно, кувајтскиот весник „Ал-Џарида“ објави дека Моџтаба Хамнеи бил ранет во уште еден американско-израелски напад и бил префрлен во Москва на лекување.

Коментирајќи ги ваквите тврдења, иранското Министерство за надворешни работи потврди дека новиот врховен лидер бил ранет во нападите, нагласувајќи дека тој се чувствува добро. Сепак, Министерството одбива да ја открие неговата моментална локација.

Песков, исто така, се воздржа од коментар на тврдењата на украинскиот претседател, Владимир Зеленски, во врска со наводното снабдување на Техеран со беспилотни летала од страна на Москва.

Портпаролот го пренасочи прашањето кон Зеленски, велејќи: „Треба да му се обратите на шефот на киевскиот режим и да го прашате од каде ги добил таквите информации. Ние не ги коментираме таквите изјави.“

На прашањето за продолжување на преговорите за ставање крај на конфликтот во Украина, Песков изјави дека Русија е отворена за продолжување на мировниот процес со Украина и очекува датум за следната рунда преговори.

Тој изјави дека местото и датумот на новата средба сè уште не се договорени.

Исто така, истакна дека изјавите на американскиот претседател, Доналд Трамп, укажуваат на тоа дека токму Украина е главната пречка во мировниот процес.

„Тој (Трамп) силно препорачува Зеленски да постигне договор. И од овие изјави, произлегува дека токму украинската страна е главната кочница во преговарачкиот процес“, истакна Песков.

Русија и Украина оваа година одржаа неколку рунди мировни преговори со посредство на САД. Процесот беше прекинат од американско-израелските напади врз Иран, на 28 февруари.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın