Кремљ: Напредокот во мировните преговори зависи од напорите на Киев и Вашингтон
„Многу работи, природно, зависат од позицијата на киевскиот режим. Зависи и од тоа колку ефикасни ќе бидат посредничките напори на Вашингтон“, рече портпаролот Песков

ИСТАНБУЛ (АА) – Напредокот во директните мировни преговори меѓу Русија и Украина зависи од напорите на Киев и Вашингтон, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавува Анадолу.
„Многу работи, природно, зависат од позицијата на киевскиот режим. Зависи и од тоа колку ефикасни ќе бидат посредничките напори на Вашингтон“, рече Песков во изјавата емитувана во неделата на белоруската телевизија Беларус 1.
Тој додаде дека рускиот став по ова прашање е „добро познат“, но, исто така, истакна дека ситуацијата на терен не може да се игнорира и мора да се земе предвид.
Песков изрази надеж дека датумот за третата рунда преговори ќе биде одреден „наредните неколку денови“.
Минатата недела тој рече дека прецизирањето на датумот ќе следува откако ќе се завршат сите процедури поврзани со размената на заробеници, кои беа договорени за време на мировните разговори во Истанбул.
На 2 јуни турската метропола беше домаќин на втората рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина, по првата одржана на 16 мај.
На последната средба двете страни се согласија за дополнителна размена на воени заробеници, како и за враќање на телата на 6.000 загинати војници од двете страни. Притоа, едни на други си предадоа мировни предлози за решавање на над тригодишниот конфликт.
Оттогаш се реализираа неколку размени, при што последната се случи на 26 јуни.
Подоцна во текот на денот шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, ги осуди изјавите на Песков, нарекувајќи ги обид за префрлање на одговорноста за продолжување на конфликтот.
„Изјавите од Русија дека ‘динамиката на преговорите зависи од Киев’ се уште една манипулација. Овие зборови се изговараат паралелно со ракетните напади врз украинските градови и обидите за уништување на критичната инфраструктура“, напиша Јермак на X.
Тој нагласи дека Русија е „неподготвена за мир“ и го докажува тоа „секој ден преку своите дејства“, обвинувајќи го Кремљ дека се обидува да му наметне „изобличен наратив на светот“.
„Вистината е едноставна: Москва ја започна и ја продолжува оваа војна. Кремљ ги блокира сите мировни иницијативи. Украина, пак, доследно се залага за прекин на огнот и мир врз правични и фер основи“, додаде Јермак.