свет

Кремљ го негира продолжувањето на трката за вооружување меѓу Русија и САД

„САД се суверена земја што има право да донесува независни одлуки. Дозволете ми да ве потсетам на повторените тврдења на претседателот (Владимир) Путин - доколку некој го прекрши мораториумот, Русија ќе одговори соодветно“

Elena Teslova  | 30.10.2025 - Обновена : 30.10.2025
Кремљ го негира продолжувањето на трката за вооружување меѓу Русија и САД

МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес рече дека изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со можното продолжување на нуклеарните тестирања и неодамнешното прикажување на напредно оружје од страна на Русија не имплицираат дека двете земји повторно влегле во трка за вооружување, јавува Анадолу.

На прес-конференцијата во Москва, Песков, исто така, рече дека неодамнешните случувања во воената сфера не укажуваат на застој во тековниот руско-американски дијалог.

„САД се суверена земја што има право да донесува независни одлуки. Дозволете ми да ве потсетам на повторените тврдења на претседателот (Владимир) Путин - доколку некој го прекрши мораториумот, Русија ќе одговори соодветно“, рече Песков, на прашањето како Русија би можела да реагира на потенцијални нуклеарни тестирања на САД.

Тој додаде дека испитувањата спроведени за рускиот ракетен систем Буревестник не може да се класифицираат како нуклеарни тестирања. Нуклеарните тестирања вклучуваат оружје опремено со нуклеарни компоненти во боевите глави, а Буревестник користи нуклеарна технологија само во рамките на погонскиот механизам.

„Ако зборуваме конкретно за тестирањето на Буревестник, тогаш очигледно ова не се нуклеарни тестови во никаква смисла. Секоја земја работи на подобрување на одбранбените способности, но тоа е различно од спроведувањето на вистински нуклеарни тестирања“, истакна тој.

Русија не спроведува тестирање на нуклеарно оружје и нема разузнавачки информации што укажуваат на такви активности никаде на друго место во светот, истакна Песков.

„Се надеваме дека точните информации во врска со нашите испитувања на Буревестник и Посејдон му се пренесени на претседателот Трамп. Овие настани не смее погрешно да се протолкуваат како нуклеарни тестирања под никакви околности“, рече тој.

Според него, до денес Москва не добила никакво формално известување од Вашингтон во врска со намерите за рестартирање на програмите за нуклеарно тестирање.

Прашањето за нуклеарно тестирање повремено се појавувало за време на билатералните разговори меѓу Русија и САД, иако сè уште се чека на детални технички дискусии, рече Песков.

Претходно денес американскиот претседател Доналд Трамп објави преку својата платформа за социјални медиуми „Truth Social“ дека му наредил на Министерството за одбрана веднаш да започне со тестирање на нуклеарно оружје.

На прашањето дали Путин има намера да разговара за ова прашање со кинескиот лидер Си Ѓинпинг, Песков одговори дека во моментов нема планирани телефонски разговори меѓу двајцата шефови на држави.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın