ИСТАНБУЛ (AA) - ЕНЕС ЏАНЛИ/ МАХМУТ ГЕЛДИ – Исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги е една од главните теми на меѓународната политичка и медиумска сцена, а најмногу внимание е насочено кон контрадикторните ставови на власта на Саудиска Арабија, јавува Anadolu Agency (AA).
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ исчезна на 2 октомври, откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Познат е како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија, а го поддржуваше и весникот „Ал Ватан“, кој претставува главна платформа на саудиските реформисти.
Превезот на тајните над целиот случај стои веќе 16 дена, а властите на Саудиска Арабија сè уште не понудија конкретни информации за судбината на исчезнатиот новинар и државјанин на таа земја.

Првично, Конзулатот на Саудиска Арабија соопшти дека Кашоги го напуштил комплексот на Конзулатот истиот ден кога и исчезна и наведоа дека соработуваат со турските институции за неговото пронаоѓање.
Властите на Саудиска Арабија се соочени со сериозни обвинувања за убиство на исчезнатиот новинар, но не успеаја да дадат никаков доказ дека новинарот го напуштил Конзулатот. Паралелно со тоа, официјален Ријад го пролонгираше почетокот на истрагата за случајот.
Турското Државно обвинителство започна истрага веднаш по пријавата за исчезнувањето на Кашоги.
Повикувајќи се на неименувани извори, бројни медиуми на 7 октомври објавија вест дека саудискиот новинар кој престојува во САД е убиен во Конзулатот во Истанбул.
Снимката од влегувањето на Кашоги во зградата на Саудискиот конзулат е објавена недолго по веста за неговото исчезнување, но снимката од излегувањето не. Саудиските власти тврдат дека надзорните камери токму во тие моменти биле расипани, што дополнително предизвика сомнеж во првобитното соопштение дека новинарот жив го напуштил Конзулатот.
Турската полиција соопшти дека на денот на влегувањето на Кашоги во Конзулатот биле уште 15 саудиски државјани и службеници кои дошле со два специјални авионски летови во Истанбул.
Таа делегација кратко потоа ја напушти Турција, а саудиските власти тврдат дека станува збор за лица кои во Истанбул патувале во својство на туристи.
Од друга страна, токму таа група многу медиуми ја етикетираат како осомничена за ликвидацијата на Кашоги.
Медиумските извештаи открија дека во делегацијата биле две лица многу блиски на кралскиот дворец, вклучувајќи дипломат кој работи како обезбедување на принцот Мухамед бин Салман.
Во делегацијата беа и еден воен чиновник, поручник на воздушните сили и експерт за аутопсија и челник на Научниот совет на саудиската медицина во Саудиска Арабија, Салах ал Тубаиги.
Повикувајќи се на неименувани извори од американските разузнавачки кругови, медиумите објавија и вест дека наредбата за убиството на Кашоги лично ја издал првиот престолонаследник, Мухамед бин Салман.
Гласноговорникот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, на 11 октомври соопшти дека Турција го прифатила предлогот на Саудиска Арабија за формирање заедничка работна група за истрага на случајот.
Ден подоцна, саудиските власти изразија задоволство од прифаќањето на предлогот, но Ријад во тој процес го пролонгираше почетокот на работењето на таа истражна група.
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, директно ја обвини Саудиска Арабија дека не соработува на тој план.
Тој рече дека Турција сака соработка заради откривање на вистината за новинарот кој исчезна во Конзулатот на Саудиска Арабија.
Четири дена потоа принцот Мухамед за телевизијата „Блумберг“ (Bloomberg) рече дека Конзулатот е суверена територија на Саудиска Арабија, но дека ќе им дозволи на турските истражувачи да влезат во тој комплекс и да спроведат истрага.
На истражувачите влез во конзулатот им е дозволен дури во вечерните часови на 16. октомври.
Турското Министерство за надворешни работи потоа најави иста истрага и во резиденцијата на конзулатот, а непосредно пред влегувањето на истражувачите во тој објект Турција ја напушти саудискиот генерален конзул Мухамед ал Отаиби.
Причина за заминување на конзулот од Турција не е објавена.
Првиот престолонаследник на Саудиска Арабија Мухамед бин Салман за Блумберг рече дека Кашоги го напуштил конзулатот неколку минути, максимално еден час по влегување и додал дека е е сигурен колку точно исчезнатиот новинар поминал во тој комплекс.
Медиумските тврдења за заробување и убиство на Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул ги отфрли саудискиот амбасадор во Вашингтон Халид бин Салман.
Инаку, помладиот брат на принцот Мухамед бин Салман, Халид за весникот „Вашингтон Пост" рече дека е невозможно службениците на конзулатот да направат такво дело без знаење на саудиските власти.
Од друга страна, истиот американски весник потоа објави дека турските функционери поседуваат тонски и видео снимки кои го потврдуваат тврдењето за убиството на Кашоги во конзулатот.
Истото тврдење го објави и медиумската куќа Си-Ен-Ен (CNN).
Американските медиуми изминатиот викенд објавија дека саудиските власти се подготвуваат за признавање дека Кашоги е убиен во текот на испитувањето кое измакнало од контрола и без одговорност на ланецот кој донесува одлуки.
Паралелно со тоа, лондонското издание на саудискиот весник „Илаф" објави дека саудиските власти во Истанбул испратиле 15 лица со задача да го испрашуваат Кашоги.
За случајот „Кашоги" телефонски со кралот Салман бин Абдулазиз разговараше и американскиот претседател Доналд Трамп кој потоа рече дека кралот категорично негирал дека знае било што за судбината на исчезнатиот новинар.
Трамп исто така рече дека стекнал впечаток дека постои можност дека убиството можело да се случи без знаење на официјалните саудиски власти.