Rabia İclal Turan
27 Септември 2024•Ажурирај: 27 Септември 2024
ЊУЈОРК (АА) - Контакт групата за Газа предложи да се формира Меѓународна алијанса посветена на унапредувањето на дводржавното решение за израелско-палестинскиот конфликт, по министерскиот состанок на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, јавува Анадолу.
„Денес се состанавме за да предложиме Меѓународна алијанса за имплементација на дводржавното решение, со фокус на формирањето палестинската држава“, изјави по состанокот министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Фајсал бин Фархан Ал-Сауд.
На состанокот присуствуваа палестинскиот премиер Мухамед Мустафа, заменик-министерот за надворешни работи на Туркије, Нух Јилмаз, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде и други претставници од различни земји.
Саудискиот министер за надворешни работи изјави дека ќе се одржат дополнителни состаноци во неколку главни градови, меѓу кои и Ријад, Брисел, Каиро, Осло, Аман и Анкара, за развивање на дискусиите од состанокот во Њујорк. Овие последователни средби ќе се фокусираат на практични акциони точки за зајакнување на тековните мировни напори на ОН за постигнување дводржавно решение.
На прашањето за отфрлањето на предлогот на Либан за прекин на огнот од страна на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, саудискиот министер рече дека не е изненаден.
„За жал, од избивањето на војната во Газа видовме модел што секогаш кога ќе ни се каже дека сме блиску до прекин на огнот во Газа, тоа не се случува“, рече тој.
Ал-Сауд го изрази своето разочарување поради израелскиот став кон Либан, велејќи: „Не разбирам како војната и нејзиното продолжување може да бидат единствена опција. Мора да има други опции и затоа ќе го повторам нашиот повик за прекин на огнот и ќе го повторам нашиот повик за преовладување на дипломатијата.“
Шефот за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, го повтори повикот на Ал-Сауд за прекин на огнот во Либан. Тој го нагласи колективниот став на ЕУ, истакнувајќи ја заедничката изјава на земјите членки во која се повикува на 21-дневен прекин на огнот во должина на границата меѓу Израел и Либан.
„Војната не е решение, а овие напади врз Либан создадоа значителен број цивилни жртви што не може да се оправда со правото на одбрана“, посочи Борел.
Контакт групата беше формирана во ноември минатата година на заедничкиот самит на Организацијата за исламска соработка и Арапската лига во Саудиска Арабија со цел да се запре војната во Газа и да се помогне во постигнувањето траен мир во енклавата, која речиси една година е место на разорната израелска офанзива.