Ömer Faruk Yıldız
25 Август 2022•Ажурирај: 26 Август 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Високата комесарка за човекови права на Обединетите нации (ОН), Мишел Башеле, истакна дека треба што поскоро да се разоружа областа каде што се наоѓа нуклеарната централа „Запорожје“ во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Башеле, на последната прес-конференција пред истекот на нејзиниот мандат на 31 август, даде оценки за Руско-украинската војна.
Истакнувајќи дека вчера поминаа шест месеци од почетокот на војната, Башеле рече дека 6,8 милиони цивили ја напуштиле земјата од почетокот на војната на 24 февруари.
Башеле додаде дека 5.587 цивили загинале, а 7.890 луѓе се повредени во нападите на Русија.
Нагласувајќи дека продолжувањето на конфликтите во регионот каде што се наоѓа нуклеарната централа „Запорожје“ во југоисточниот дел на земјата ги загрозува животите на цивилите и животната средина, Башеле рече: „Го повикувам претседателот на Русија да ги запре вооружените напади против Украина. Регионот на „Запорожје“ треба веднаш да се демилитаризира.“
„Запорожје“, која е најголемата нуклеарна централа во Европа, исполнува 20 отсто од производството на електрична енергија во Украина.
Русија во нејзината операција од копно ја зазеде нуклеарната централа на 4 март.