Barış Seçkin
29 Јуни 2021•Ажурирај: 29 Јуни 2021
РИМ (АА) - Министрите на Глобалната коалиција за пораз на ДЕАШ ја потврдија својата заедничка одлучност кон продолжување на борбата против терористичката организација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министрите, кои се состанаа со физичко присуство во Италија по две години на покана на италијанскиот министер за надворешни работи, Луиџи ди Мајо, и на американскиот државен секретар, Антони Блинкен, издадоа заедничко коминике преку кое ја повторија својата заложба за создавање услови за траен пораз на терористичката организација преку сеопфатни, координирани и повеќеаспектни напори.
„Централноафриканската Република, Демократската Република Конго, Мавританија и Јемен им беше посакано добредојде како нови членки на коалицијата“, се истакнува во коминикето.
- Глобална борба -
Истакнувајќи ја заштитата на цивилите како приоритет и почитувањето на меѓународното право под сите околности, министрите нагласија дека треба да се зајакне соработката на сите коалициони линии, со цел да се спречат јадрото на терористичката организација во Сирија и Ирак и нејзините ограноци и мрежи низ светот од преструктурирање во која било територијална енклава.
„ДЕАШ веќе не контролира ниедна територија, а околу осум милиони луѓе се ослободени од нејзината контрола во Ирак и Сирија, но заканата останува. Обновувањето на активностите на ДЕАШ и нејзината способност за обнова на своите мрежи и можности за земање како цел на безбедносните сили и цивилите во областите каде што Коалицијата не е активна, бара голема будност и координирана акција“, истакнаа министрите.
- Ирак -
Пофалувајќи ги активностите на Ирак во борбата против остатоците од терористичката организација и кон спречување на нејзиното повторно заживување и зголемениот капацитет на ирачките сили за борба против ДЕАШ, министрите ја истакнаа важноста на координираните напори во борбата против терористичката организација.
„Коалицијата е активна во Ирак на барање на Владата на Ирак, во целост почитувајќи го ирачкото единство, суверенитетот и територијалниот интегритет, и во корист на ирачкиот народ.“
Министрите остро ги осудија нападите врз припадниците на Коалицијата, конвоите и дипломатските објекти, нагласувајќи ја важноста на Владата на Ирак во заштитата на објектите и арсеналот на Коалицијата.
- Сирија -
Министрите повторија дека стојат покрај сирискиот народ за изнаоѓање трајно политичко решение согласно Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 2254.
„Коалицијата продолжува да ја поддржува обновата и стабилизирањето на областите ослободени од терористите на ДЕАШ и напорите за помирување и реинтеграција за создавање погодни услови за политичка разрешница на конфликтот во цела Сирија под параметрите на Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН“, нагласија министрите.
- Африка -
Министрите ставија и фокус на зголеменото присуство на ограноците и мрежите на ДЕАШ во супсахарска Африка, кои ја загрозуваат безбедноста и стабилноста, особено во регионот на Сахел, Источна Африка и Мозамбик, и истакнаа дека зајакнувањето на цивилните државни институции и консолидирањето на владеењето на правото, вклучително и капацитетите за спроведување на законот, се од најголема важност во борбата против терористичката организација.
- Ситуацијата со терористите на ДЕАШ -
Во однос на терористите на ДЕАШ, странски државјани, кои се во притвор, како и членовите на нивните семејства кои и понатаму се наоѓаат во Сирија и Ирак, министрите повторија дека се залагаат за спроведување на постојните ефективни механизми за спроведување на правдата во тесна координација со матичните земји на терористите.
„Коалицијата го потврди своето верување дека неопходни се сеопфатни и колективни напори за да се постигне целосен и траен пораз на ДЕАШ во светот. Глобалната коалиција за пораз на ДЕАШ докажа дека е кохезивно и одговорно тело што има постигнато значителен успех преку воени, политички, напори за стабилизирање, финансиски и напори за спроведување на законот“, заклучија во коминикето министрите од земјите членки на Коалицијата против ДЕАШ по министерскиот состанок во Рим, Италија.