Mehmet Alaca
19 Март 2022•Ажурирај: 20 Март 2022
ПЕКИНГ (АА) - Кинескиот претседател Си Џинпинг во разговор со американскиот претседател Џо Бајден рече дека војната во Украина не е во ничиј интерес и дека меѓународната заедница треба да посвети најголемо внимание на прашањето за мирот и безбедноста, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кинескиот и американскиот претседател, Си и Бајден, одржаа двочасовна видеоконференција, а од кинеското Министерство за надворешни работи беше соопштено дека случувањата во Украина биле во фокусот на тој разговор.
Во соопштението се наведува дека Си истакнал дека од нивниот последен виртуелен разговор во ноември минатата година на меѓународната сцена се случиле многу работи и дека мирот и економскиот развој се соочени со многу потешкотии.
„Украинската криза не е нешто што сакавме да го видиме. Конфликтот не оди во ничија корист. Тамошните случувања уште еднаш покажаа дека државите не треба да доаѓаат во ситуација да се борат на бојно поле“, рекол Си за време на разговорот со Бајден, како што информираше кинеското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението од Пекинг исто така се наведува дека Си му кажал на Бајден дека Кина и САД, како две постојани членки на Советот за безбедност и водечки сили во светот, треба да преземат одговорност и да работат за мирот и спокојството.