Riyaz Khaliq Khaliq
06 Декември 2023•Ажурирај: 07 Декември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина им порача на Соединетите Американски Држави (САД) дека „големите земји“ мора да покажат „праведност и правда“ во врска со ситуацијата во опколената палестинска енклава Газа, јавува Анадолу.
Пекинг му ја пренесе пораката на Вашингтон за време на телефонскиот разговор меѓу шефовите на кинеската и американската дипломатија кои разговараа за војната во Газа.
„Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји разговараа за неодамнешната посета на Блинкен на Блискиот Исток и дипломатските напори на Вашингтон во регионот“, се вели во соопштението.
Според соопштението од Пекинг, двете страни размениле мислења за палестинско-израелскиот конфликт и се договориле да ја задржат комуникацијата за ситуацијата на Блискиот Исток.
„На раскрсницата на војната и мирот големите земји мора да се придржуваат до правичноста и правдата, да ги поддржуваат објективноста и непристрасноста, да покажат смиреност и рационалност и да вложат максимални напори да ја смират ситуацијата и да спречат хуманитарни катастрофи од поголеми размери“, му рекол Ванг на Блинкен.
Тој нагласил дека главен приоритет е прекинот на огнот и завршување на војната колку што е можно поскоро.
Кинескиот министер за надворешни работи нагласил дека секој договор што ја вклучува иднината на Палестина „мора да ја одразува волјата на палестинскиот народ“.
„Кина верува дека суштината на решението е почитувањето на правото на Палестина на државност и самоопределување, вклучително и палестинска сопственост, палестинско раководство и палестинска власт“, рече Ванг, изразувајќи ја подготвеноста на Пекинг да работи со сите страни за да вложи напори за таа цел.
Без директно да ја спомене војната во Газа, Блинкен изјави: „Императив е сите страни да работат на спречување на ширењето на конфликтот.“
Во соопштението се додава дека двете страни се согласиле дека треба да се спроведе дводржавното решение.