Fuat Kabakcı
16 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
ПЕКИНГ (АА) - Кинеското Министерство за надворешни работи реагираше на депортацијата на двајца свои дипломати од Соединетите Американски Држави (САД), порачувајќи дека обвинувањата за шпионажа се неосновани, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гинг Шуанг, на прес-конференција во Пекинг истакна дека американските критики на сметка на кинеските дипломати за „шпионажа“ се неосновани, и дека поради тоа упатуваат протест кон Вашингтон.
„Ги повикуваме Соединетите Американски Држави што поскоро да ја исправат својата грешка, да ја поништат одлуката и да ги заштитат правата на кинеските дипломати на што се обврзани согласно Виенската конвенција“, изјави Гинг.
Американскиот дневен весник „Њујорк тајмс“ (New York Times) вчера објави дека двајца кинески дипломати од Амбасадата во Вашингтон, во септември годинава без дозвола влегле во воена база во САД, поради што подоцна се депортирани од земјата.
Се наведува дека двајцата дипломати пристигнале со возило, заедно со сопругите, а сопрени се на контролниот пункт на воената база во сојузната држава Вирџинија, но го продолжиле патувањето, иако немале дозвола за влез.
Американски претставници оценија дека не станува збор за еден случај на влез без дозвола. Наведоа дека кинеските дипломати можеби се обиделе да влезат во базата за да ја тестираат безбедноста.
Соединетите Американски Држави последен пат во 1987 година депортираа двајца дипломати од Кинеската амбасада во Вашингтон.