Jeyhun Aliyev
02 Март 2022•Ажурирај: 02 Март 2022
КИЕВ
Звуци на сирена кои предупредуваат за воздушен напад на главниот град Киев беа слушнати повторно денеска наутро, додека голем број експлозии и инциденти со гранатирање беа слушнати во текот на ноќта.
На седмиот ден од руската војна против Украина, Киев сѐ уште е под контрола на украинските сили, но наводно, многу цивили се убиени од руските проектили, главно во Харков, вториот најголем град.
Околината на „Мајдан незалежности“, Плоштадот на независноста во Киев, е претворена во барикади со вреќи од песок и челични противтенковски барикади, откако беше објавено дека долга колона на руските сили се упатила кон градот.
Во вторникот вечерта, рускиот проектил ја погоди ТВ-кулата во Киев која се наоѓа на територијата на Бабин Јар.
„На 29 и 30 септември, нацистите тука убија преку 33 илјади Евреи. Осумдесет години подоцна, руските нацисти ја нападнаа истата земја за да ги истребат Украинците. Злобно и варварско“, рече министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.
‒ Напади на Житомир
Советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, Антон Герашченко, рече дека зборувал со градоначалникот на Житомир, Сергиј Сухомлин, истакнувајќи дека руските сили во вторникот вечерта „ја промашиле целта и наместо воената база, ја погодиле станбената површина“.
Тој рече дека според првичните извештаи, има четири жртви, меѓу кои и дете.
„Станбените згради во близина на базата на 95. Воздухопловна бригада во градот Житомир, некои 75 километри западно од Киев, беа запалени“, рече Герашченко на Телеграм.
Службите за итни случаи велат дека најмалку 10 куќи биле погодени.
Министерството за надворешни работи на Украина на Твитер објави дека породилиште во Житомир е уништено од руски крстосувачки проектил „калибар“.
Тешки борби се во тек во близина на породилиштето, кое се наоѓа во селото Бузова, во близина на автопатот на Житомир.
Сите луѓе се евакуирани од зградата, според локалните извори.
Според Меморандумот од Будимпешта, Украина се откажа од своето нуклеарно оружје во 1994 година, во замена за безбедносни гаранции од САД, Велика Британија и Русија.
Откако Русија започна војна со Украина минатиот четврток, се сретна со осуда од меѓународната заедница, а ЕУ, Велика Британија, Канада, Јапонија и САД воведоа низа економски санкции кон Москва.
Најмалку 136 цивили, меѓу кои и 13 деца се убиени, а 400 други меѓу кои 26 деца, се повредени во Украина, според бројките на ОН.
„Околу 680.000 луѓе избегаа во околните земји на Украина“, соопшти во вторникот меѓународната организација.