Almir Terzic
21 Август 2024•Ажурирај: 24 Август 2024
КИЕВ (АА) - Украинскиот Парламент го ратификуваше Римскиот статут, што значи дека земјата му се приклучи на Меѓународниот кривичен суд (МКС), јавува Анадолу.
Ова ќе му овозможи на Киев да ја изведе Русија пред лицето на правдата поради наводни воени злосторства.
Парламентот ја поддржа ратификацијата на Римскиот статут, објави пратеникот Јарослав Железњак на мрежата Телеграм.
Иако Украина стана потписник на Римскиот статут во 2000 година, таа не го ратификуваше до денес, кога 281 пратеник од украинскиот Парламент го поддржа пристапувањето кон МКС.
МКС процесуира сериозни злосторства, како што се геноцид и злосторства против човештвото и има овластување да издава налози за апсење што треба да ги извршат државите членки.
Ратификацијата вклучуваше и повикување на еден од членовите во Римскиот статут, кој ќе ги ослободи украинските граѓани од кривично гонење за воени злосторства во период од седум години, објави пратеничката Евгенија Кравчук.
„Ратификацијата на Римскиот статут ќе ги зголеми шансите за казнување на Русите и изолација на Русија“, додаде таа.
Украина официјално ќе стане членка на МКС кога ратификацијата ќе биде потпишана од украинскиот претседател Владимир Зеленски, со што ќе стане ефективна.
Во март минатата година МКС издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и комесарката за правата на децата Марија Лвова-Белова под обвинение за депортација на украински деца, а во јуни налог за апсење на поранешниот руски министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Главната команда на руската армија Валериј Герасимов и ги обвини за воени злосторства во Украина.
Се вели дека тој е одговорен за директните напади врз цивилни цели во Украина.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова тогаш објави дека Русија не е потписничка на Римскиот статут и додаде дека Русија нема никакви обврски кон овој суд.
Одлуката на МКС „нема никакво значење за нашата земја, ниту од правен аспект“, рече Захарова.
За ратификација на Римскиот статут долго време се залагаат групите за заштита на човековите права, но и Европската Унија, на која Украина сака да ѝ се приклучи во иднина. Со пристапувањето на Украина МКС ќе има 125 земји членки.