Ekipa
20 Февруари 2019•Ажурирај: 21 Февруари 2019
ДОХА (АА) - Властите на Катар ја обвинија Саудиска Арабија дека религијата ја користи како средство во политиката, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на Националниот совет за човекови права во Катар (NHRC), Али бин Самих ал Мери, се сретна со комесарот на Европската Унија (ЕУ) задолжен за верски слободи, Јан Фигел.
Во соопштението на Советот се наведува дека Ал Мери во разговорот со комесарот Фигел истакнал дека властите на Саудиска Арабија веќе три години на различни начини ги оневозможуваат државјаните на Катар и луѓето кои престојуваат во таа земја во извршувањето на аџилакот и умрата.
Обвинувајќи ја Саудиска Арабија за злоупотреба на религијата во политички цели, Ал Мери најави дека Катар ќе започне правна борба пред Европскиот парламент и пред Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО).
„Гледаме дека сме соочени со одреден вид дискриминација која стои на патот кон остварувањето на верските слободи. И покрај идеолошкиот консензус на народите од Заливот, властите на Саудиска Арабија со својата политика создаваат нов вид дискриминација и политички несогласувања“, рече Ал Мери.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет во јуни 2017 година ја прекинаа соработката и ги блокираа копнените, поморските и воздушните граници со Катар, кој го обвинија за поддршка на тероризмот.
На верниците од Катар не им е дозволено со катарските авиокомпании директно да допатуваат во Саудиска Арабија заради аџилак во Мека и Медина. На Катарците не им е дозволено ниту по копнен пат да влезат на тлото на Саудиска Арабија, а од Доха велат дека им е оневозможен и процесот на електронско аплицирање за вршење аџилак и умра.