Dildar Baykan
20 Февруари 2019•Ажурирај: 21 Февруари 2019
ЊУЈОРК (АА) - Дилдар БАЈКАН
Во Њујорк синоќа беше одбележана 54-годишнината од смртта на Малком Литл, попознат како Малком Икс, борец за човековите права на Афроамериканците, пишува Anadolu Agency (AA).
Малком Икс е роден во сојузната американска држава Небраска на 19 мај 1925 година. Во раното детство, неговиот татко бил убиен од бели расисти затоа што бил член на Здружението за подобрување на животот на Афроамериканците. Неговата смрт е претставена како несреќен случај, иако главата му била одвоена од телото. Неговиот татко тврдел дека црномурестите никогаш нема да бидат слободни во Америка и дека мора да се вратат во родната Африка. Две години пред убиството расистите ја запалиле неговата куќа, но никој не настрадал.

Мајката на Малком се разболела по смртта на нејзиниот сопруг и не можела да стори многу за својот син, па за него се грижеле постариот брат и сестра. Малком започнал живот на ситен криминалец. На 12-годишна возраст станал штитеник на Домот за незгрижени деца во Мичиген.
Кога наполнил 17 години бил пуштен од Домот. Потоа се вработил во патнички воз, како мијач на садови. Кога Малком заработил доволно пари, се преселил во Њујорк кај свои роднини. Набрзо станал еден од најопасните насилници на улиците низ Харлем. Веќе во 1941 година е уапсен и осуден на десет години затвор за кражба. Со кражба се занимавал за да обезбеди пари за дрога.
Во затворот го продолжил прекинатото образование и поголемиот дел од времето го поминувал во библиотека. Позната е неговата изјава дека затворите, по универзитетот, се најдобрите места за дообразување и повторно воспитување на луѓето.
Во 1952 година е пуштен од затвор, а по одреден период му се приклучува на движењето „Нација на исламот“ (Nation of Islam).
Кратко по станувањето член на „Нацијата на исламот“ го менува своето презиме во X (Икс). Тоа го сторил во чест на неговите непознати африкански предци, кои биле донесени во Америка како робови.
Со харизмата и елоквенцијата се наметнал брзо како прв глас на борбата против расизмот и ропството, а Нацијата на исламот за десет години го зголеми бројот на членови од 500 на 30.000.
Меѓутоа, со истакнувањето во јавност Малком на себе го навлече гневот на тогашната американска администрација и тајните служби.
Потоа отпатувал на аџилак, во Мека, Саудиска Арабија. По враќањето во САД, ја отфрла претходната идеја дека сите бели луѓе се демони, и формира своја организација наречена „Организација за афроамериканско единство“. По основањето на организацијата, Малком Икс го менува своето име во Ел-Хаџ Малик Ел-Шабаз.
Сè почесто добивал закани дека ќе биде убиен, а на 15 февруари 1965 година е нападната неговата куќа во која живеел со сопругата Бети и четирите ќерки.
Шест дена подоцна, на 21 февруари 1965 година, Малком е убиен за време на говорот во Њујорк во кој го критикуваше Елајџа Мухамед (лидерот на движењето „Нација на исламот“). Малком го убија тројца мажи за кои се заклучило дека се членови на движењето „Нација на исламот“. Сите тројца се осудени и затворени.
Некои извори тврдат дека зад неговото убиство стои и Федералното истражно биро (ФБИ), кое внимателно го следеше Малком. Погребот е одржан на 27 февруари таа година.
Малком Икс остана запомнат како лидер меѓу муслиманите во САД во тоа време, како борец за човекови права и еден од највлијателните Афроамериканци. Беше најголем критичар на „белата“ Америка и нејзините злодела направени врз црните Американци.
Ликот и делото на Малком Икс претставуваат симбол на борбата против расизмот, расната дискриминација, како и симбол на промовирање на толеранцијата на исламот и соживотот.