Gamze Türkoğlu Oğuz
24 Јули 2018•Ажурирај: 25 Јули 2018
ЛОНДОН (АА) - Британска кастинг-агенција беше ангажирана да организира протести за време на официјалната посета на катарскиот емир Тамим бин Хамад ал Тани во Лондон, пренесува Anadolu Agency (AA).
Денес британската премиерка Tереза Меј ќе го прими катарскиот емир Ал Тани во Лондон, а весникот „Independent“, јавува дека агенцијата „Extra People“ била ангажирана по тој повод во лондонската улица „Даунинг стрит“ да организира масовни антикатарски протести.
Кастинг-агенцијата преку електронска пошта пратила повик до сите актери и статисти со кои соработува да дојдат на протести и дека за тоа ќе бидат наградени со додатни 20 фунти (22,5 евра).
„Не се работи за снимање филм, ниту ТВ-програма. Агенцијата бара луѓе што ќе ја наполнат „Даунинг стрит“ за време на посетата на катарскиот лидер. Се работи за антикатарски протест. Не мора ништо да правите, ниту да зборувате, доволно е да се појавите на собирот. Вашата работа ќе биде завршена во 12:30 часот“, се наведува во делот на имејл-пораките кои агенцијата ги праќала на соработниците, а до кои дојде весникот „Independent“.
Од агенцијата „Extra People“ е соопштено дека за таа работа постигнале договор со одредено лице, но не е откриен идентитетот на налогодавачот на протестите. Кратко потоа агенцијата соопшти дека ја откажала соработката и работата.