Cüneyt Karadağ,Erbil Başay
21 Февруари 2022•Ажурирај: 22 Февруари 2022
БЕРЛИН
Портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин изјави дека западните санкции против Русија поради кризата во источна Украина само ќе ги одложат основните проблеми, јавува Агенција Анадолија (АА).
Санкциите против Русија се бескорисни, изјави Калин за германскиот весник „Велт“ во интервју објавено во неделата, додавајќи дека би било подобро да се ислушаат и да се разберат стратешките грижи на другата страна.
Истакнувајќи дека Москва се чувствува загрозена од НАТО, Калин рече дека три децении по распадот на Советскиот Сојуз, рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ги прекрои границите и да ги обнови стратешките сојузи.
Забелешките на Калин уследија откако групата Г7 на големите светски економски сили ја повика Русија во саботата да ги повлече војниците од украинската граница и да продолжи со дипломатско решение за кризата.
„Русија мора да деескалира и да ги исполни своите обврски“, изјавија министрите за надворешни работи на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД во заедничката изјава по нивниот состанок во Минхен.
Тие ја истакнаа својата наклонетост кон дипломатско решение, но исто така нагласија дека се подготвени да воведат строги санкции кон Русија доколку таа го наруши територијалниот интегритет на Украина.
Западните земји ја обвинија Русија дека распоредила речиси 150.000 војници долж украинската граница, предизвикувајќи стравувања дека таа би можела да планира воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Москва постојано негираше каков било план за инвазија на Украина и наместо тоа ги обвини западните земји дека ја поткопуваат безбедноста на Русија преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.
- Односи меѓу Турција и Германија
Истакнувајќи дека односите меѓу Турција и Германија во моментов не се на посакуваното ниво, Калин го опиша потенцијалот меѓу двете земји како огромен.
Нагласувајќи дека двете земји треба повеќе да се фокусираат на повторно усогласување на нивните стратешки интереси и историски погледи, тој додаде дека Германија треба да се обиде да ја разбере траумата што ја доживеа Турција во последните години.
„Една таква траума беше обидот за државен удар на 15 јули 2016 година што го спроведе терористичката организација ФЕТО“, изјави Калин.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач кој живее во САД, Фетула Ѓулен, стојат зад неуспешниот обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а 2.734 беа повредени.
Оваа терористичка организација стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање на своите припадници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.