Казахстан: Тринаесет лица загинаа во пожар што избувна во хостел во Алмати
- Според првичните информации, во моментот на несреќата во хостелот се наоѓале 72 лица, а по избувнувањето на пожарот, 59 ги напуштиле просториите

МОСКВА (АА) - Во пожар што избувна во Алмати, Казахстан, животот го загубија 13 лица, соопшти утрово казахстанското Министерство за вонредни ситуации, пренесува Анадолу.
Во соопштението се наведува дека пожарот е пријавен во градот Алмати.
„Првата противпожарна екипа пристигна на местото на пожарот за седум минути. Во моментот на пристигнувањето на екипата бил опожарен подрумот на трикатна станбена зграда, каде што подрумот и првиот кат се преуредени во хостел“, се наведува во соопштението.
При гаснењето на пожарот пожарникарите нашле 13 тела. Нивниот идентитет се утврдува, а уште две лица се хоспитализирани поради труење со јаглерод моноксид.
Според првичните информации, во моментот на несреќата во хостелот се наоѓале 72 лица, а по избувнувањето на пожарот, 59 ги напуштиле просториите.
Пожарот е изгаснат, а на местото на несреќата работат 46 спасувачи од Министерството за вонредни ситуации што ги расчистуваат урнатините.
Полицијата ги утврдува причините за избувнувањето на пожарот.