Meiramgul Kussainova
27 Август 2021•Ажурирај: 29 Август 2021
НУР СУЛТАН (АА) - Во експлозија што се случи вчера во складиште за муниција на воената единица лоцирана во областа Бајзаков во провинцијата Жамбил на југот од Казахстан, бројката на загинати се зголеми на 9, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за одбрана на Казахстан, Нурлан Јермекбаев, за новинарите изјави дека вчера околу 19:00 часот по локално време во воен магацин за муниција се случиле повеќе од 10 експлозии и додаде дека продолжуваат активностите за откривање на причината за експлозијата.
Тој соопшти дека експлозиите се запрени, а дека пожарот сè уште трае.
Според последните информации добиени од официјални извори, во последователните експлозии што се случија во воениот магацин за муниција животот го загубиле 9 лица, припадници на воениот персонал и спасувачката екипа.
Повредени се 90 лица, од кои поголемиот дел се припадници на пожарникарските и спасувачките екипи. По експлозијата откриено е дека исчезнати се 4 лица.
Од синоќа, пред Градската болница број 1 во Тараз, главниот град на провинцијата Жамбил, чекаат семејствата на повредените, со цел да добијат информации за своите најблиски. Раководството на болницата информира дека повеќето од повредените се испратени дома по првата интервенција, а 28-те повредени, од кои шестмина сериозно, се наоѓаат под лекарски третман во болницата.
Од друга страна, се дознава дека граѓаните евакуирани од подрачјето на кое се случи експлозијата, почнале да се враќаат во своите домови.
- Експлодира складиште за воена муниција -
Пожарот што вчера околу 19:00 часот по локално време избувна во магацин за муниција на воената единица во подрачјето Бајзаков во провинцијата Жамбил на југот од Казахстан предизвика експлозија.
Во експлозијата се повредени 66 лица, од кои 12 припадници на воениот персонал.
Руслан Шпекбаев, заменик-министер за одбрана на Казахстан, вчера во изјавата што ја даде на местото на настанот рече дека во магацинот каде што се случила експлозијата, била главно складирана инженерска муниција, а не муниција со долг дострел.
Од селата околу местото каде што се случи експлозијата во безбедни подрачја се евакуирани 1.200 лица, а од безбедносни причини, полициски екипи ги контролираат евакуираните села.
Од друга страна, патиштата и железниците во регионот привремено се затворени за сообраќај.
По сличен инцидент што се случи во магацинот на воена единица во близина на градот Арис во 2019 година, дел од инженерската муниција е преместена во магацинот каде што вчера се случи експлозијата.
Се смета дека причина за тековниот пожар во магацинот за воена муниција во подрачјето на Бајзаков може да биде ТНТ (тринитротолуен), кој е складиран во магацинот.