Fatih Hafız Mehmet
29 Август 2019•Ажурирај: 01 Септември 2019
РИМ (АА) - Италија денес издаде дозвола за некои од мигрантите да се симнат од спасениот брод со мигранти, соопшти Министерството за внатрешни работи на земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Бродот „Маре Џонио“, кој припаѓа на организацијата „Медитеранеа“ (Mediterranea Saving Humans), вчера спаси околу 100 илегални мигранти.
Влегувањето на бродот во италијанските територијални води беше забрането вчера со декрет потпишан од тројца министри, вклучувајќи го и заменик-премиерот и министер за внатрешни работи, Матео Салвини.
Сепак, властите денес им дозволија на жените, децата и болните луѓе да се симнат од спасениот брод.
На бродот се наоѓаа 22 деца и 26 жени, од кои осум се бремени.
Претходно, организацијата соопшти дека бродот бил оставен да чека 13 наутички милји јужно од италијанскиот остров Лампедуза.
Според Меѓународната организација за миграции (ИОМ), 578 мигранти се удавиле во Средоземното Море, во триаголникот меѓу Либија, Малта и Италија, од почетокот на оваа година до 15 август.
„Минатата година, над 2.240 луѓе загинаа или исчезнаа во водите додека се обидувале да стигнат до Европа преку Медитеранот“, се вели од Агенцијата за бегалци на ОН.