свет

Италија: Демонстрации против воведувањето полициски час поради коронавирусот

Судири и повредени имаше во многу делови на центарот на Наполи, а групата што пристигна пред административната зграда изложи транспарент: „Ако нè затворате, мора да ни платите“

Dilara Hamit  | 24.10.2020 - Обновена : 25.10.2020
Италија: Демонстрации против воведувањето полициски час поради коронавирусот Фото: Alessio Paduano/АА

РИМ (АА) - Група демонстранти кои протестираа поради воведениот ноќен полициски час се судри со безбедносните сили во Неапол, откако италијанскиот регион Кампанија најави дека ќе воведе карантин со цел да го спречи ширењето на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Локалните медиуми соопштија дека групата испалила звучни и димни бомби кон безбедносните сили, кои интервенирале со солзавец.

Судири и повредени имало во многу делови на центарот на градот, а групата што пристигнала пред административната зграда изложила транспарент на кој пишувало: „Ако нè затворате, мора да ни платите.“

Група демонстранти и во Рим протестираа против полицискиот час.

Регионите Пиемонт и Калабрија, исто така, се подготвуваат за воведување полициски час откако беше воведен во Ломбардија во четвртокот, а вчера во регионите Кампанија и Лацио.

Претседателот на Регионалната управа на Пиемонт, Алберто Цирио, исто така, одлучи да воведе полициски час во регионот, помеѓу 23:00 и 5:00 часот, почнувајќи од 26 октомври, јави АНСА.

Во својот неделен извештај за состојбата со коронавирусот, италијанскиот Институт за здравство соопшти дека ситуацијата е сериозна и ги повика жителите да не ги напуштаат своите домови доколку не е потребно.

Во Италија, во изминатите 24 часа дијагностицирани се 19.143 нови случаи на вирусот, што е најголем дневен број од почетокот на епидемијата во земјата.

Од почетокот на епидемијата во Италија на 21 февруари, со коронавирусот регистрирани се вкупно 484.869 лица, од кои 37.059 завршија со смртен исход.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.