Selen Temizer,Halit Süleyman,Levent Tok,Mohamad Misto
25 Јули 2017•Ажурирај: 26 Јули 2017
ИСТОЧНА ГУТА (АА) - Најмалку осуммина цивили, меѓу кои и три деца загинаа во последните воздушни напади што ги изведоа силите лојални на сирискиот претседател Башар ал-Асад на подрачјето на Источна Гута, јавува Anadolu Agency (АА).
Претставниците на цивилната заштита во Источна Гута (Бели беретки) објавија дека авионите на режимиските сили доцна синоќа повторно изведоа напад на населбите во Арбин, место коешто е под контрола на сириската опозиција.
Силите на сирискиот режим и утрово извршија воздушни напади на населбите во местото Земелка, како и во регионот на Источна Гута, за којашто е постигнат договор и за кој режимот на Асад декларативно прогласи прекин на судирите.
Источна Гута се наоѓа источно од Дамаск и е под контрола на сириската опозиција, а веќе пет години е под опсада на силите лојални на сирискиот режим. Најмалку 80 отсто од објектите во регионот се уништени во артилериските и воздушните напади.
Повикувајќи се на извештаите на руското Министерство за одбрана, руската новинска агенција РИА Новости минатата седмица објави дека руската делегација, со посредство на Египет, во Каиро потпишала договор за примирје со „умерените опозициски групи“.
Истовремено, режимот на Асад соопшти дека ги прекинува нападите во Источна Гута, која е опфатена со договорот.
Источна Гута и претходно беше прогласена за неконфликтна зона, кога на почетокот од мај, во Астана, Турција, Русија и Иран постигнаа договор за прекин на огнот во четири сириски региони.