Burak Bir
06 Февруари 2025•Ажурирај: 07 Февруари 2025
ЛОНДОН (АА) – Властите на Ирска и Шпанија денеска ги отфрлија тврдењата на израелскиот министер за одбрана Израел Кац дека раселените Палестинци од Газа треба да бидат прифатени во земјите кои се противат на израелските напади во Газа, известува Анадолу.
На прашањето на Агенција Анадолу, ирското Министерство за надворешни работи порачаа дека се „бескорисни и деструктивни“ сите изјави кои се во спротивност со безбедното враќање на Палестинците во нивните домови.
Ирското МНР го повторија ставот за неопходноста од зачувување на прекинот на огнот во Газа, кој стапи на сила на 19 јануари, како и продолжување на процесот на ослободување заложници, интензивирање на хуманитарната помош и обнова на Газа, која сега е урнатини поради повеќе од 15 месеци немилосрдно израелско бомбардирање.
Денеска и шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарез ги отфрли тврдењата на израелскиот министер Кац, истакнувајќи дека никој не треба ниту да дискутира за тоа каде треба да одат палестинските жители на Газа.
Израелскиот министер за одбрана Кац, рече дека земји како Шпанија, Ирска, Норвешка и други се законски обврзани да примат Палестинци од Газа и ги обвини овие земји за ‘лажни обвинувања против Израел поради дејствијата во Газа’. Овие три земји ја признаа независноста на државата Палестина минатиот мај.
Изјавата на Кац уследи по контроверзните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД ќе ја преземат Газа откако ќе ги преселат Палестинците во други земји како Египет и Јордан, идеја што беше категорично отфрлена од арапските земји и многу други.