Ahmet Dursun
22 Јуни 2019•Ажурирај: 23 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Генералштабот на иранската војска, генералот Аболфазл Шекарчи, ги предупреди Соединетите Американски Држави (САД), во контекст на евентуален напад врз Иран, велејќи дека и еден куршум испукан на иранската територија, може да ги фрли во вода сите американски интереси и сојузници во регионот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Шекарчи, во изјавата за иранската новинска агенција „Тасним“ предупреди на последиците од можен воен напад врз Иран.
Тој нагласи дека неговата земја никогаш нема да биде таа која ќе започне војна против која било земја, но дека во секој случај, остро ќе одговори на секој напад насочен кон неа.
Изјави дека можниот напад на САД врз Иран би бил грешка.
„Дури и ако непријателот направи и најмала грешка, ќе се соочи со најголемата револуционерна реакција на Иран во Средна и Западна Азија и сигурно нема да остане на нозе. Еден куршум на иранската територија ќе ги фрли во вода американските интереси и сојузници во регионот“, порача Шекарчи.
Револуционерната гарда на Иран соопшти дека во четвртокот срушила набљудувачки дрон на Соединетите Американски Држави (САД). Во соопштението е наведено дека беспилотното летало од типот „RQ-4 Global Hawk“ е срушено откако влегло во иранскиот воздушен простор на јужниот дел на земјата.
Американско-иранските тензии се додатно зголемени од минатата година, откако САД еднострано се повлекоа од Договорот за нуклеарната програма меѓу шесте големи сили и Иран, и воведоа санкции кон Техеран.
Односите додатно се затегнати откако официјален Вашингтон неодамна на листата на терористички групи ги смести иранските вооружени сили, односно Револуционерната гарда.
Трамп потоа порача дека Иран направил голема грешка и дека дронот бил во меѓународниот воздушен простор.