свет

Иран: Убијците на нуклеарниот научник ги чека тешка одмазда

Мухсин Фахризаде, врвниот нуклеарен физичар кој го водеше Одделот за истражување и иновации во Министерството за одбрана на Иран, убиен е вчера на периферијата на главниот град

Ekip  | 28.11.2020 - Обновена : 29.11.2020
Иран: Убијците на нуклеарниот научник ги чека тешка одмазда

ТЕХЕРАН

Убиството на водечкиот ирански нуклеарен научник од страна на непознати напаѓачи, високопозиционираните и воени функционери во Техеран го поврзуваат со Израел, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Мухсин Фахризаде, врвниот нуклеарен физичар кој го водеше Одделот за истражување и иновации во Министерството за одбрана на Иран, убиен е вчера на периферијата на главниот град.

Второто целно убиство на висок ирански функционер по ликвидацијата на Касем Сулејмани, командантот на елитната иранска единица „Кудс“, во американскиот воздушен напад во Багдад во јануари оваа година, предизвика силни реакции во Техеран.

Безбедносните аналитичари предупредуваат дека инцидентот би можел да поттикне нови тензии во регионот, бидејќи највисоките ирански воени функционери ветиле силна „одмазда“. Прстот недвојбено е вперен во жестокиот техерански противник Израел.

Напаѓачите, според медиумските извештаи, го кренале во воздух возилото пред автомобилот на Фахризадех, пред да отворат оган кон него. И Фахризадех и останатите во автомобилот се здобиле со тешки повреди. Врвниот нуклеарен физичар веднаш е префрлен во болница, но им подлегнал на повредите, кажаа изворите. Се наведува дека и неговиот телохранител е во критична состојба.

Министерот за надворешни работи на Иран, Џавад Зариф, беше меѓу првите што го осудија убиството на нуклеарниот научник, изјавувајќи дека Израел е „веројатно вмешан“.

„Терористите денес убија еминентен ирански научник. Овој кукавичлук, со сериозни назнаки на израелска улога, го покажува очајничкото заговарање агресија на сторителот. Иран ја повикува меѓународната заедница, а посебно Европската Унија, да заврши со своите срамни двојни аршини и да го осуди овој чин на државен терор“, објави Зариф на Твитер.

Осудувајќи го убиството, претседателот на иранскиот Парламент, Мохамед Бакер Калибаф, рече дека времето за „смирена политика“ поминало и дека е време „прецизно да се одмаздат“ за убиството на научникот.

Генерал Мухамед Бакери, началникот на Генералштабот на Војската на Иран, исто така објави соопштение во кое ги обвинува „терористите“ поврзани со Израел дека убиле „еден од раководителите и слугите“ на иранската одбранбена индустрија.

Бакери, кој долго соработуваше со убиениот научник, го нарече тоа тежок удар врз одбранбениот сектор на земјата и рече дека убијците ги очекува „тешка одмазда“.

Иранскиот министер за одбрана, Амир Хатами, рече дека убиството на Фахризадех, кој работеше во неговото министерство, ја покажува „длабочината на непријателската омраза кон Исламската република“.

Атентатот се случи вчера (во петокот) во округот Дамаванд во 14:30 часот по локално време, кога Мухсин Фахризаде патувал со приватно возило во придружба на членовите на семејството.

Убиството се случи во пресрет на годишнината од атентатот на уште еден ирански нуклеарен научник Маџид Шахриари, кој е убиен во 2010 година.

Во минатото преживеа неколку обиди за атентат. По убивањето на многу нуклеарни научници во последните години, Фахризадех беше под заштита на иранските безбедносни агенции. Исто така, неговите слики не се објавувани во медиумите.

Фахризаде предаваше физика на Универзитетот „Имам Хосеин“ во Техеран, кој е поврзан со Револуционерната гарда.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.