Muhammet Kurşun
18 Јуни 2019•Ажурирај: 19 Јуни 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Иранското Министерство за разузнавање соопшти дека кибермрежата за шпионажа на разузнавачката служба на Владата на САД (ЦИА) е разбиена во различни делови на светот, и дека се притворени членови на мрежата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението објавена на иранската државна телевизија, од генералниот директор на Одделот за спречување на шпионажа при Министерството за разузнавање, се истакнува дека е разбиена мрежата на ЦИА за шпионирање во различни делови на светот.
Се тврди дека како резултат на заедничката работа на иранската разузнавачка служба со други сојузнички разузнавачки служби во светот, голем број агенти кои работат во американската разузнавачка мрежа, се откриени и притворени.
Во соопштението, исто така, се вели дека Соединетите Американски Држави (САД) користат напредни киберсредини за да комуницираат со своите агенти во Иран и во другите земји, но дека откако Иран успеал да навлезе во тие средини, агентите се откриени. Мрежата најмногу била насочена кон инфраструктурата на транспортниот, банкарскиот и енергетскиот сектор на другите земји.
Освен во Иран, според соопштението, откриени се детални информации за активностите на мрежите на шпионажа на ЦИА и во други земји. Откако се добиени тие детални информации, извршен е „удар“ врз мрежата.
Се истакнува и дека некои од агентите се притворени и предадени на суд, а други пак, претпочитале да соработуваат со Иран.