Иран приведе осум странци поради наводи за поврзаност со „странски разузнавачки служби“ во услови на тензиите со САД
- Полуофицијалната новинска агенција „Мехр“ соопшти дека уште тројца странци биле убиени за време на безбедносна операција покрај југоисточната граница на Иран
ИСТАНБУЛ (АА) – Иранските власти приведоа осум странски државјани во југоисточниот дел на земјата поради наводи за поврзаност со „странски разузнавачки служби“, објавија локалните медиуми денес, јавува Анадолу.
Полуофицијалната новинска агенција „Мехр“ соопшти дека уште тројца странци биле убиени за време на безбедносна операција покрај југоисточната граница на Иран.
Властите не го соопштија државјанството на приведените и убиените лица.
Според „Мехр“, во нивните засолништа и т.н. безбедни куќи биле пронајдени и запленети поголеми количества различно оружје, меѓу кои ракетни фрлачи РПГ-7, американски пушки М4 опремени со уреди за ноќно гледање, неколку пушки АК-47 со додатоци за гранати, како и пиштоли.
За време на првичните испрашувања, според наводите, приведените признале вмешаност во неодамнешниот напад врз полициски контролен пункт во централниот град Керман, при што загинаа тројца полицајци и еден цивил, пренесе агенцијата.
Акцијата се случува во време на зголемени тензии меѓу Иран и САД, во пресрет на новата рунда индиректни нуклеарни преговори меѓу двете страни, што под посредство на Оман треба да се одржат утре во Женева.
Во меѓувреме, САД значително го зголемија своето воено присуство во регионот на Персискиот Залив, додека Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда спроведе серија воени вежби во рамки на подготовките за евентуален конфликт.
