Mustafa Melih Ahıshalı
15 Мај 2025•Ажурирај: 16 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Али Шамхани, советникот на иранскиот лидер Али Хамнеи, изјави дека се подготвени да склучат нуклеарен договор со САД под услов да бидат укинати економските санкции, пренесува Анадолу.
Во разговор за „Ен-би-си њуз“ (NBC News), Шамхани даде коментар во врска со нуклеарните преговори меѓу САД и Иран.
Шамхани рече дека во замена за укинување на економските санкции, Иран ќе се обврзе да не произведува нуклеарно оружје, да ги елиминира своите залихи од високо збогатен ураниум, ќе се согласи на збогатување на ураниум на пониски нивоа за цивилни употреби и ќе им дозволи на меѓународните набљудувачи да го надгледуваат процесот.
Изјавувајќи дека Иран нема да се откаже од своите активности за збогатување ураниум, Шамхани истакна:
„Збогатувањето ураниум е прашање од кое Иран нема да се откаже. Сепак, за да се изгради доверба, нивото или количеството можат да се сменат извесен период“.
Нагласувајќи дека се загрижени од можноста израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се обиде да го попречи процесот на преговори за нуклеарната програма меѓу Иран и САД преку лобисти во Вашингтон, Шамхани рече:
„Ако Американците го елиминираат влијанието на Нетанјаху, тие лесно можат да го потпишат нуклеарниот договор со Иран“.
Американскиот претседател Трамп се осврна на нуклеарните преговори со Иран на самитот на Советот за соработка во Заливот (ССЗ) и САД, што се одржа во Ријад за време на неговата посета на Саудиска Арабија.
„Сакам да склучам договор со Иран“, рече Трамп во својот говор. „Но, за тоа Иран мора да ја прекине својата поддршка на тероризмот и крвавите посреднички војни. Најважно од сè, мора целосно, трајно и со потврда да ги запре напорите да поседува нуклеарно оружје.“
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Еракчи, изјави дека разговорите за нуклеарното прашање со Велика Британија, Франција и Германија ќе се одржат во Истанбул на 16 мај.