Ali Abo Rezeg
18 Септември 2019•Ажурирај: 19 Септември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Иран денеска го предупреди Вашингтон дека веднаш и остро ќе одговори на евентуален напад врз земјата по неодамнешните напади врз саудиските нафтени објекти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Изјавата уследи по посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео на Саудиска Арабија во врска со нападите.
Како што јави иранската новинска агенција ИРНА, Иран во понеделникот испратил официјален меморандум до Соединетите Американски Држави (САД) преку швајцарската Амбасада во Техеран, негирајќи ги обвинувањата на Вашингтон дека Техеран стои зад нападите со беспилотни летала врз постројките на државната саудиска компанија „Арамко“
„Во случај на каква било агресија врз Иран, ние ќе одговориме на тоа веднаш и остро“, се вели во меморандумот, додавајќи дека одговорот на Иран „нема да биде ограничен само на изворот на заканата“.
Од 2015 година, коалицијата под водство на Саудиска Арабија, ги напаѓа Хусите во Јемен, кои ги поддржува Иран. Илјадници Јеменци се убиени, а земјата е турната на работ на гладот.
Хусите, чии ракети со среден и долг дострел обично се пресретнувани од саудискиот одбранбен систем, во последните месеци напаѓаат одредени стратешки делови од Саудиска Арабија со вооружени дронови.
Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Иран дека ги наредил нападите, а во очекување е исходот од истрагата за нападите.