Ahmet Dursun
03 Август 2024•Ажурирај: 05 Август 2024
ТЕХЕРАН (АА) - Иран објави дека атентатот на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, во главниот град Техеран бил изведен со ракета со краток дострел со боева глава од седум килограми, јавува Анадолу.
Во соопштението на Корпусот на Иранската револуционерна гарда, објавени се резултатите од истрагата за убиството на Ханије во резиденцијата во Иран каде што престојуваше како официјален гостин.
Се наведува дека атентатот бил испланиран и извршен од страна на Израел со поддршка на Соединетите Американски Држави (САД).
„Според истрагата, овој терористички напад се случил кога ракета со краток дострел со боева глава од приближно седум килограми е истрелана надвор од просторот каде што беа сместени гостите“, се додава во соопштението.
Исто така, посочено е дека поради убиството на Ханије, „одмаздата секако ќе биде извршена во вистинско време и на вистинско место“.
Тензиите во регионот дополнително ескалираа откако во средата во Техеран беше убиен политичкиот шеф на Хамас, Ханије. Додека Хамас и Иран го обвинија Израел за убиството, Тел Авив ниту ја потврди ниту ја негираше својата вмешаност.
Атентатот се случи еден ден откако командантот на Хезболах, Фуад Шукр, беше убиен во израелски воздушен напад во јужно предградие на Бејрут.
Стравувањата од сеопфатна војна меѓу Израел и Хезболах се зголемуваат поради сѐ почестите меѓусебни погранични напади.
Ескалацијата доаѓа во позадина на смртоносните израелски напади врз Газа во кои од октомври минатата година загинаа повеќе од 39.500 Палестинци.