Ekip
24 Ноември 2017•Ажурирај: 25 Ноември 2017
ПАРИЗ (АА) - Интерпол соопшти дека се уапсени 40 лица осомничени за трговија со луѓе, и дека во големата полициска акција во пет африкански земји беа спасени речиси 500 жртви, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународната полициска агенција со седиште во Франција вчера објави дека меѓу спасените имало 236 малолетни лица. Претходно во текот на ноември, акцијата беше спроведена во Чад, Мали, Мавританија, Нигер и во Сенегал.
Интерпол тврди дека осомничените се обвинети дека ги принудувале жртвите да се занимаваат со активности од просење до проституција, без оглед на условите за работа или човечките животи.
Акцијата е дел од проектот „Сахел“, финансиран од германската Влада, чија цел е борба против трговијата со луѓе.
Интерпол наведе дека официјалните претставници од целиот регион се состанаа по акцијата, за да разговараат за следните чекори за жртвите и за прекуграничната соработка во борбата против трговијата со луѓе.