Ekipa
22 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
ТУБАН (АА) - Силен земјотрес го потресе денес индонезискиот остров Бали, што предизвика паника кај луѓето кои ги напуштија своите домови, јавува Anadolu Agency (AA).
„Земјотресот не предизвика цунами. Потресот беше почувствуван во поголемиот дел на покраината Бали“, рече Сутопо Пурво Нугрохо, портпарол на Националната агенција за справување со катастрофи.
Агенцијата регистрираше земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала на длабочина од 117 километри, на околу 23 километри источно од главниот град на провинцијата Денпасар. Институтoт за геолошки истражувања на САД од друга страна тврди дека земјотресот бил со јачина од 5,5 степени.
Индонезија се наоѓа во пацифичкиот „Огнен појас“, каде што тектонските плочи се судираат и предизвикуваат чести сеизмички и вулкански активности.
Минатата година на 7. декември земјотрес со јачина од 6,5 степени го потресе северниот дел на островот Суматра и зад себе остави 104 загинати, над 1.200 повредени, и десетици илјади раселени во провинцијата Ацех.