Ekipa
09 Март 2016•Ажурирај: 10 Март 2016
ЏАКАРТА (АА) - Илјадници луѓе се собраа на Суматра, Борнео и Сулавеси во Индонезија, за да го следат затемнувањето на Сонцето, првото целосно затемнување во последните 33 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Месечината започна директно да поминува покрај Сонцето околу 6:20 часот по локално време, над Суматра. Потоа продолжи со движењето кон исток, а целосното затемнување ќе биде видливо во 12 од вкупно 34 провинции.
Одредени набљудувачи го бележат овој настан со телефоните, некои со камери, додека други само се воодушевуваа на глетката.
Голиб, „ловец” на затемнувања на Сонцето, за АА рече дека луѓето чекале со часови за оваа глетка.
„Беше малку облачно, но во мракот уживавме околу две минути”, истакна тој.
Меѓутоа, Индонежаните во некои оддалечени места останаа затворени во своите куќи, верувајќи дека затемнувањето се случува „кога злогласниот змеј ќе го изеде Сонцето”.
Во Тернет Сити, еден од последните градови во кој можеше да се следи затемнувањето, населението со традиционални тапани, направени од бамбус, го испратија затемнувањето на Сонцето.
Бади Ромадони беше сведок на 80-процентното затемнување на Сонцето во Семаранга, град во централна Јава.
„Тоа е редок настан, не би го пропуштил”, порача тој.
Ова е десетото затемнување на Сонцето во 21-от век. Последното е забележано на 20-ти март, минатата година.