Mahmut Atanur
27 Јануари 2021•Ажурирај: 28 Јануари 2021
ЏАКАРТА - Вулканот Мерапи на индонезискиот остров Јава еруптира 22 пати во последните шест часа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Центарот за вулканологија и намалување на геолошки катастрофи објави дека денеска, во периодот од 6:00 до 12:00 часот, вулканот Мерапи 22 пати исфрлил пепел и чад.
Во соопштението се наведува дека лавата што се излеала при ерупциите се спуштила до 1.600 метри на југозападната падина од вулканот.
Официјалните лица за ерупциите што се случија вчера, информираа дека лавата се спуштила 1.000 метри надолу.
Во ерупцијата што се случи во ноември 2020 година, околу 2.000 лица беа евакуирани од подрачјето и по извесен период се вратија во своите домови. И покрај зголемената вулканска активност во последно време, досега не се споделени информации за нови евакуации од подрачјето.
Поради зголемената вулканска активност, претставниците на власта за подрачјето околу вулканот кое се наоѓа во „портокалово“ ниво на опасност, го обновија предупредувањето „да нема какви било активности околу вулканот во радиус од 5 километри“.
Во 2010 година вулканот Мерапи на островот Јава, висок 2.968 метри, при ерупцијата исфрли лава, а во оваа природна катастрофа животот го загубија 347 лица.
Системот за алармирање на вулкани во Индонезија се состои од четири фази, „зелена“, „жолта“, „портокалова“ и највисоката „црвена“ фаза.