Ekipa
21 Јануари 2025•Ажурирај: 22 Јануари 2025
ВАШИНГТОН (АА) – Голем број протести се одржаа за време на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп низ разни градови на Соединетите Американски Држави (САД) против политиките што тој ги најави, јавува Анадолу.
Трамп синоќа положи заклетва за својот втор мандат на функцијата, најавувајќи голема промена во американската Влада со која се очекува да прати шоковни бранови низ американското општество и светот.
Протести се одржаа во Вашингтон, градот каде што се одржа церемонијата на положување заклетва, каде што стотици луѓе излегоа со транспаренти протестирајќи против инаугурацијата на Трамп.
И во Њујорк се протестираше поради најавените политики на Трамп, каде што стотици граѓани се собраа во Паркот Вашингтон Сквер и излегоа на улиците на Њујорк за да го изразат своето незадоволство.
Протести се одржаа и во Чикаго и Шарлот, како и во други поголеми градови низ Соединетите Американски Држави.
Поради строгата миграциска политика што ја најави Трамп, голем број мексикански активисти и граѓани го изразија својот револт и пред Амбасадата на САД во Мексико Сити.
Инаку, Трамп, меѓу другото, потпиша и извршна наредба за прогласување национална вонредна состојба на американско-мексиканската граница, што го отвора патот за распоредување американски војници таму.
Тој најави и враќање на неговата политика „Остани во Мексико“ и низа други мерки за запирање на миграцијата.