Ekipa
23 Март 2025•Ажурирај: 25 Март 2025
АМСТЕРДАМ (АА) - Илјадници демонстранти се собраа во Амстердам, Холандија, на протест против крајната десница, извикувајќи слогани против расизмот и изразувајќи поддршка за бегалците, пренесува Анадолу.
Над 10.000 демонстранти го преполнија Плоштадот Дам, јавија холандските медиуми.
Протестот, организиран од „Comité 21 Maart“, се одржа како дел од Меѓународниот ден за елиминација на расната дискриминација што се одбележува секоја година на 21 март.
Денот беше востановен од Обединетите нации (ОН) за одбележување на жртвите од масакрот во Шарпвил, Јужноафриканската Република, во 1960 година, кога полицијата отвори оган врз мирните демонстранти кои протестираа против усвојувањето на законите од ерата на апартхејдот, при што загинаа 69 лица.
Оттогаш, на овој ден се упатува глобален повик за борба против расната дискриминација и промовирање на еднаквоста. Настани и демонстрации се одржуваат низ светот за подигање на свеста за тековните расни неправди и залагање за инклузивни политики.