Илјадници лица живеат во катастрофални услови во Мустариха во Северен Дарфур поради нападите на РСФ
- Поради нападите од РСФ раселени се повеќе од 3.000 лица, меѓу кои поголем процент се жени, од градот Мустариха, во Северен Дарфур, велат медицински лица.
ИСТАНБУЛ (АА) - Илјадници раселени цивили од градот Мустариха, во Северен Дарфур, живеат во „катастрофални услови” по нападите од паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), во Јужен Судан, соопшти денес локална медицинска група, пренесува Анадолу.
Во соопштението на Здружението на лекари во Судан се наведува дека нападите ги принудиле семејствата да бегаат без претходно предупредување и да ги остават своите предмети. Многумина ја поминале ноќта на отворено, без засолниште, храна или безбедна вода за пиење.
Повеќе од 3.000 раселени лица, меѓу кои најголем процент се жени, вклучително и бремени, се соочуваат со екстремно тешки здравствени и хуманитарни услови, извести портпаролот д-р Тасним ал-Амин во соопштението објавено на американската платформа за социјални медиуми Х.
Медицинската група повика на итна помош за да се спречи „неминовна хуманитарна катастрофа“ во областа.
„Апелираме до меѓународните и хуманитарните организации итно да обезбедат засолниште, храна, вода и здравствена нега за да се спасат овие погодени семејства, чие страдање е дополнително влошено од нападите на РСФ“, се додава во соопштението.
РСФ контролира четири од петте сојузни држави на Дарфур во Западен Судан, а делови од Северен Дарфур сè уште се под контрола на војската. Армијата ја задржува контролата врз повеќето други држави во земјата, вклучително и главниот град Картум.
Дарфур зафаќа околу една петтина од територијата на Судан и се протега на повеќе од 1,8 милиони квадратни километри, а поголем број од околу 50 милиони жители на земјата живеат во области контролирани од армијата.
Од април 2023 година РСФ и суданската армија водат борби поради спор поврзан со интегрирањето на паравоената формација во редовната војска. Конфликтот предизвика глад во земјата и се смета дека ова е една од најголемите хуманитарни кризи во светот, при што десетици илјади луѓе загинаа, а милиони се раселени.
